На вториот јавен повик за доставување барања за користење средства од ИПАРД-програмата 2007-2013 во вредност од 40 милиони евра, пристигнати се 112 барања за користење средства, а Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој склучила 37 договори со барателите во износ од 4,2 милиони евра. Ова го објави директорот на Агенцијата, Тони Димовски, нагласувајќи дека најголем интерес имало во потсекторот овоштарство, каде што се одобрени 14 проекти, како и во потсекторот лозарство, а најмногу средства се предвидени за преработувачки капацитет за преработка на примарни земјоделски производи, овошје и зеленчук.
На вториот јавен повик за доставување барања за користење средства од ИПАРД-програмата 2007-2013 во вредност од 40 милиони евра, пристигнати се 112 барања за користење средства, а Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој склучила 37 договори со барателите во износ од 4,2 милиони евра.
Ова го објави директорот на Агенцијата, Тони Димовски, нагласувајќи дека најголем интерес имало во потсекторот овоштарство, каде што се одобрени 14 проекти, како и во потсекторот лозарство, а најмногу средства се предвидени за преработувачки капацитет за преработка на примарни земјоделски производи, овошје и зеленчук.
„Вкупната вредност на инвестициите за кои се склучија договорите изнесува 4,2 милиони евра, односно кофинансирање од 50 отсто или во вредност од околу 2,1 милиони евра. Тоа е задоволителен резултат, бидејќи станува збор за програма која се' уште е во почетокот на имплементирање во нашата држава“, рече Димовски.
Тој посочи дека најголем интерес имало за мерката 1 - унапредување на примарното земјоделско производство во насока на достигнување на стандардите на ЕУ и за мерката 2, која опфаќа кофинансирање на производствени преработувачки капацитети на земјоделски производи, како и унапредување на маркетинг-аспектот за нив.
Најголеми коинвестиции, прецизира тој, се предвидени за три млекарници во Штипскиот, Прилепскиот регион и во регионот на Градско, како и за изградба на два откупни центра за овошје и зеленчук во Гевгелискиот регион. Се поддржува и една инвестиција од винарството - современ систем за полнење шишиња со вграден софтвер, како и за пречистителна станица за една кланица.
Директорот на Агенцијата истакна дека исплатата на субвенциите за земјоделството се одвива тековно според потребните рокови за вршење исплата. „Доминантно се исплатени субвенциите за 2010 година, а преостанува да се исплатат уште субвенциите во делот на финансиската поддршка по два денара за килограм предадено грозје во винарниците, како и за органското производство“, рече Димовски.